ЕУ „разочарана и загрижена“ од дружбата на Вучиќ со Москава и Пекинг
10/09/2025 15:22
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во Европскиот парламент изрази загриженост за политичките и општествените случувања во Србија. Таа истакна дека учеството на српскиот претседател Александар Вучиќ на воените паради во Москва и Пекинг, како и неговиот навредлив настап кон европратениците од групата на Зелените, не се во согласност со очекувањата од земја кандидат за членство во Европската Унија.
Кос нагласи дека почитувањето на основните права, меѓу кои и правото на мирен протест, е основа на европскиот пат. Таа ја повика Србија да ги зајакне реформите, да го прекине политичкиот ќорсокак и да постигне резултати во борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и изборните реформи.
Еврокомесарката предупреди дека по десет месеци протести, српското општество е силно поделено и исполнето со недоверба и омраза. Таа апелираше полицијата да постапува пропорционално и да се почитуваат човековите права, при што остро ги осуди насилството, вандализмот и нападите врз новинарите.
Според Кос, од суштинско значење е да се гарантира слобода на медиумите и независноста на судските институции, како и да се обезбеди безбедна средина за граѓанското општество. Таа ја осуди кампањата на дезинформации и непријателската реторика против ЕУ, нагласувајќи дека Србија мора да покаже јасна заложба за европските вредности.






