Слободата на медиумите во најголем пад за 50 години, демократијата назадува во 94 земји
15/09/2025 9:31
Слободата на медиумите во светот бележи најголем пад во последните пет децении, а демократијата назадува во 94 земји во изминатите пет години, покажува „Глобалниот извештај за состојбата на демократијата 2025“ на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (IDEA) од Стокхолм.
Генералниот секретар на IDEA, Кевин Касас-Замора, предупредува дека демократијата се наоѓа под „совршена бура“ од автократско зајакнување и глобални социјални и економски промени. За зачувување на демократските вредности, според него, потребни се длабоки реформи што ќе обезбедат фер пристап, инклузивност и заштита на изборниот процес и владеењето на правото.
Извештајот укажува дека слободата на медиумите се влошила во една четвртина од државите, со најголеми падови во Авганистан, Буркина Фасо, Мјанмар и Јужна Кореја. Во Палестина, речиси 200 новинари биле убиени од октомври 2023 година, а Израел им забранил на странски медиуми да влезат во Газа.
Како позитивни примери се наведени Чиле (со законски иницијативи за заштита на новинарите), како и напредок во Боцвана, Јужна Африка, Полска и Јордан.
Сепак, извештајот посочува дека САД го намалиле своето глобално учество во поддршката на демократијата, што дополнително ја ослабува меѓународната демократизација.





