Сиљановска-Давкова: Македонија должи благодарност на својата дијаспора во САД
26/09/2025 13:03
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, се обрати на настан организиран од македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави, истакнувајќи ја значајната улога што македонските граѓани во странство ја имаат за развојот и просперитетот на земјата.
„Македонија е должник кон својата дијаспора“, порача Сиљановска-Давкова, потенцирајќи дека граѓаните кои живеат надвор од државата се важен дел од македонското општество и заслужуваат поголема поддршка и вклученост во домашните процеси.
Таа апелираше за подобрување на комуникацијата и соработката помеѓу институциите и дијаспората, нагласувајќи дека нивното активно учество во политичкиот, економскиот и културниот живот на земјата е од клучно значење за иднината на Македонија.
Сиљановска-Давкова истакна дека ова не е само прашање на симболична поддршка, туку и конкретен придонес за создавање услови за поголема интеграција и поддршка на граѓаните кои ја претставуваат Македонија низ светот.





