Средношколците добиваат шанса да станат „милионери“ со најдобрата бизнис идеја во Македонија
15/10/2025 10:23
Средношколци од сите делови на Македонија до 26 октомври можат да се пријават за натпреварот „Средношколец милионер“, чија цел е да ја награди најдобрата бизнис идеја со главна награда од еден милион денари.
Право на учество имаат сите ученици од прва до четврта година, од државни и приватни средни училишта, кои можат да аплицираат индивидуално, во пар или во тим до шест членови. Пријавувањето се врши на веб-страницата milioner.mk.
Организаторот, „Бреинстер“, информира дека веќе пристигнал голем број пријави од сите краеви на државата.
„Со овој проект им овозможуваме на младите да учат преку пракса, да ја почувствуваат динамиката на претприемништвото и да ги развијат своите идеи во вистински проекти. Нашата мисија е да го поттикнеме претприемачкиот дух и креативноста кај младите“, истакнуваат од „Бреинстер“.
Натпреварот ќе се одвива во четири фази.
– Првата фаза е периодот на аплицирање (1–26 октомври).
– Втората фаза (27 октомври – 2 ноември) ќе донесе избор на 50 најдобри идеи, кои потоа ќе бидат ставени на јавно гласање.
– Третата фаза – полуфинале, ќе се одржи во просториите на „Бреинстер колеџ“ и НУ Академијата за талентирани средношколци, каде 20-те најдобри тимови ќе ги презентираат своите идеи пред инвеститори преку 90-секунден „elevator pitch“.
– Финалето ќе се одржи на 30 ноември, кога 10-те најуспешни идеи ќе бидат презентирани пред стручно жири, кое ќе го прогласи победникот и ќе ја додели наградата.
Од „Бреинстер“ апелираат до родителите и наставниците да ги охрабрат младите да се пријават.
„Многу ученици имаат одлични идеи, но им недостига само еден збор поддршка. Една реченица може да направи разлика меѓу идеја што останува на хартија и идеја што го менува светот“, порачуваат организаторите.
Минатата година, под истото покровителство, беше одржан натпреварот ULIMATH, каде најдобриот математичар во земјата доби награда од 10.000 евра.






