Арсовска заминува без влакно на јазик: Ви ги оставам дивоградбите и ѓубрето што четири години си го управувате и градите сами!
21/10/2025 11:04
Градоначалничката на Скопје во заминување, Данела Арсовска, преку својата фејсбук страница упати иронична честитка
„Нека ви се честито дивоградбите“, започна Арсовска, алудирајќи на, како што вели, систематското создавање хаос и обиди за политички напади против неа. Таа нагласи дека управувањето со „Комунална хигиена – Скопје“ последните четири години е под контрола на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, меѓу кои и претседателката на Управниот одбор, Јулијана Спировска, која, според Арсовска, има правосилна судска пресуда за две кривични дела.
„За ѓубрето низ Скопје нека се обратат кај Спировска, таа веќе четири години го управува ѓубрето и претпријатието“, порача градоначалничката.
Арсовска ја обвини сегашната градска власт дека намерно дозволува хаос за потоа, преку краткорочни акции, да создаде привид на успешност. „Нормално дека ќе го исчистите за 72 часа, затоа што од инат го создавате проблемот, за потоа да се прикажете како херои“, напиша таа.
Во продолжение, градоначалничката потсети дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во изминатите четири години имаат мнозинство во Советот на Град Скопје и можеле да донесат сите одлуки потребни за унапредување на јавните претпријатија – но не го направиле тоа.
„Тие не дозволија нова механизација во Комунална хигиена, не дозволија нови вработувања, а истовремено го контролираат ЈСП, сите јавни претпријатија, установи и училишта во градот“, нагласи Арсовска, додавајќи дека „вистинскиот проблем не е во чистењето на ѓубрето, туку во политичката нечистотија“.






