MKinformer

your daily dose of news

Арсовска: ВМРО-ДПМНЕ е одговорна за „ѓубрето и колапсот во метрополата“

23/10/2025 10:46

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно жестоко ја обвини партијата ВМРО-ДПМНЕ за состојбата со отпадот во главниот град, тврдејќи дека токму нивните кадри управуваат со клучните одлуки во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“.

Во објава на социјалните мрежи, Арсовска посочи дека Советот на Град Скопје, каде што мнозинство имаат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН, ја има целосната контрола врз претпријатието, односно врз сите одлуки и согласности поврзани со неговото функционирање.

„Управниот одбор е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и е избран од Советот. Функционирањето на секој директор зависи исклучиво од нивните одлуки,“ истакна Арсовска.


Обвинувања за политичка блокада

Арсовска ја обвини претседателката на Управниот одбор – како што рече, „осудена криминалка за две кривични дела“ – дека е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, наградена со советничко место во Општина Бутел. Таа додава дека токму оваа структура ја предизвикала „политичката блокада“ која го парализирала претпријатието и довела до хаос со собирањето на сметот.

„Кој и да е поставен директор, тој е блокиран и може да спроведува само тоа што ќе изгласа Управниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН,“ наведе таа.

Арсовска обвини дека Советот на Град Скопје не презел ниту една законска мерка за обезбедување нормално функционирање на јавните претпријатија, ниту за разрешување на Управниот и Надзорниот одбор, иако имал можност за тоа.


Хигиенска криза и реакции во јавноста

Оваа објава доаѓа во време кога Скопје се соочува со најсериозната хигиенска криза во последната деценија — со преполни контејнери, непразнет смет и меѓусебни обвинувања меѓу локалната власт и опозицијата.

Во јавноста објавата на градоначалничката предизвика нови реакции — дел од граѓаните ја поддржаа, а други ја обвинија за избегнување на лична одговорност.

„По логиката на МВРО, утре би требало со полиција да влезат во Народна банка и да поднесат кривична пријава за гувернерот затоа што не презел мерки по закон“, напиша Арсовска, додавајќи дека законот е јасен и достапен за секој што сака да се информира.

error: Содржината е заштитена од копирање !!