MKinformer

your daily dose of news

КАЛИОПИ НАЈАВИ ТРИ АКУСТИЧНИ КОНЦЕРТИ: ВЕТУВАМ НОВО МУЗИЧКО ИСКУСТВО, ПОДГОТВЕТЕ СИ ТУЦЕ МАРАМЧИЊА

29/10/2025 22:19

Македонската дива Калиопи најави три акустични концерти во Македонската филхармонија, на 14 Ноември, 6 и 7 Декември.

Концертите се замислени како интимно патување во нејзиниот репертоар, со бенд и гудачки квартет, а деловите ќе бидат збогатени и со дувачка секција. „Подгответе си туце марамчиња. Сигурна сум дека ќе се расплачете, но не од тага, туку од среќа“, рече секогаш насмеаната и ведра Калиопи, и додаде дека ова ќе биде поинакво акустично доживување, со нови аранжмани и емотивен лак низ песните.

Што се однесува до репертоарот намерно го чува како изненадување. Вели: ,,Не кажувам со кои песни, колку песни, очекувам публиката да се изненади од новите акустични концерти, во организација на „Прагма“ со кои соработувам веќе година и пол. Ветувам ново музичко искуство со бендот и гудачки квартет на сцената,,.

Првиот термин, 14 Ноември, веќе е распродаден, а за преостанатите два интересот е „близу до распродадено“.

Продукцијата разгледува и четврта вечер, доколку се ослободи термин во Декември. Покрај концертите, Калиопи откри дека на 30 Октомври во Белград ќе промовира нова песна, а до крајот на годината уште една. Во 2027 е најавен и нов албум во соработка со нејзиниот долгогодишен продуцент Ромео Грил.

error: Содржината е заштитена од копирање !!