Панично бегство на Орце Ѓорѓиевски: арогантниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја излажа јавноста и избега од дебатата на Телма
30/10/2025 21:01
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва избега како аматер, само еден час пред закажаната дебата на телевизија Телма. Наместо соочување пред јавноста, тој се скри зад патетична објава на Фејсбук, полна со самобендисаност и евтини оправдувања.
Со тоа Ѓорѓиевски ја излажа јавноста, бидејќи во претходната дебата на Канал 5 самоуверено тврдеше дека „секогаш и секаде ќе прифаќа дебати“, и дека „нема од што да бега“. Очигледно, вечерва имаше, од сопствената ароганција и од јавноста која веќе му ги провиде фразите.
Ова не беше повлекување, туку панично бегство на кандидат кој сфатил дека неговата самобендисана кампања, полна со фрази без содржина, се распаѓа под тежината на реалноста. Скопјани јасно покажуваат дека не сакаат градоначалник кој се однесува како сопственик на градот, туку некој кој ќе го слуша народот, а не само да се слика меѓу него.
Во обид да се оправда, Ѓорѓиевски напиша дека „дебатата веќе се одржала“ и дека „немало потреба од нова“. Тоа е навреда за јавноста и кукавичко бегство од соочување со противкандидатот Амар Мециновиќ, кој го разоружа на претходната дебата со аргументи и визија.
Дополнителен скандал е фактот што на истата таа дебата, Ѓорѓиевски јавно изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го блокира Советот на Град Скопје ако победи Амар Мециновиќ. Но веднаш потоа, зад камерите, почнал да се фали дека ако загуби, советниците на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Луке Галевски, ќе приредат такви блокади што “сите ќе се чудат“.
Со тоа самиот потврди дека лажел во живо пред гледачите, и дека зад маската на „пристоен технократ“ се крие арогантен партиски апаратчик, подготвен да го кочи градот ако не е на власт.
Скопјани добро паметат како изгледаа блокадите на ВМРО-ДПМНЕ против Данела Арсовска, но според зборовите на Орце, тие ќе изгледаат како мало маче во споредба со тоа што тој подготвува.
Кандидат кој бега од дебата, лаже во камери и се заканува со блокади, не може да биде лице на европско Скопје. Ароганцијата можеби минува во партиски штабови, но не и кај граѓаните.






