MKinformer

your daily dose of news

ЗАВРШНА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА, НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КАРПОШ, СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ

07/11/2025 20:06

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на својата завршна прес-конференција пред јавноста истакна дека општината денес стои на цврсти финансиски нозе, со јасни резултати и видливи проекти кои ја потврдуваат стабилноста и развојот постигнат во изминатите четири години.

„Кога ја презедов функцијата на 4 ноември 2021 година, Општина Карпош беше со блокирана сметка од 369 милиони денари, додека денес имаме 72 милиони денари на жиро сметка, без никакви заостанати обврски“, истакна Јакимовски.

Тој потенцира дека приходите на општината во текот на мандатот се удвоиле – од 6 милиони евра во 2021 година, на 13 милиони евра во 2025 година. „Успеавме да ја направиме општината самоодржлива и стабилна, и тоа во период кој генерално важеше за време на дезинвестирање во државата“, нагласи Јакимовски.

Како дополнителен успех, Јакимовски посочи дека Карпош ја одржал својата урбана рамнотежа, без агресивна градба. „Во моментот се градат само неколку објекти, за разлика од други општини каде има и по над 80 висококатници. Тоа покажува дека внимателно управувавме со просторот и приходите“, додаде тој.

На инфраструктурен план, Јакимовски објави дека во моментов се реализираат 4 проекти, за 12 се потпишани договори и фирмите се воведени во работа, а во тек се тендерски постапки за уште 4 проекти. Дополнително, шест проекти со вредност над 9,5 милиони евра се веќе одобрени од Владата на Република Македонија.

„Во изработка се и десет нови инфраструктурни иницијативи, меѓу кои и катна гаража за Карпош 1. Оставам зад себе општина која не само што е финансиски здрава, туку и динамична во развојот“, заврши Јакимовски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!