Јакимовски: Карпош е заглавен во политичко лимбо, а Скопје во популизам без резултати
13/05/2026 9:32
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во гостување на 4ТВ упати остри критики кон актуелната локална и централна власт. Тој оцени дека Општина Карпош се наоѓа во институционален застој поради, како што тврди, политичко калкулирање околу оставката на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски.
Според Јакимовски, во политичките кругови веќе било познато дека Лукровски поднел и втора, конечна оставка. Наместо тоа јавно да се соопшти, тврди тој, ситуацијата се прикрива преку неговото боледување.
„ВМРО практично го стави својот градоначалник во куќен притвор. Му наложија да земе боледување само за да ја амортизираат ситуацијата“, изјави Јакимовски.
Тој оцени дека станува збор за обид за замајување на јавноста. Според него, поради ваквата состојба Карпош губи време и влегува во нов застој.
„Карпош стагнира, додека регионот оди напред“
Јакимовски рече дека општината стагнира додека градовите во регионот се развиваат со многу побрзо темпо.
„Додека Белград, Приштина и Тирана се развиваат со светлосна брзина, Карпош е заглавен во политички блокади и неспособно менаџирање“, посочи тој.
Во своето излагање потсети и на, како што рече, претходни периоди на застој. Притоа ја спомена состојбата што ја наследил по мандатот на Стефан Богоев, кога општината, според него, имала блокирана сметка и сериозни финансиски проблеми.
„Да одземете пет години од развојот на една општина е недозволиво“, рече Јакимовски.
Не ја исклучува можноста повторно да се кандидира
Во интервјуто беше отворено и прашањето дали повторно би се кандидирал за градоначалник на Карпош. Јакимовски не ја отфрли таа можност.
Тој рече дека конечната одлука ќе ја носи според тоа што е најдобро за општината.
„Ако е најдобро јас да се кандидирам, повторно ќе го направам тоа. Карпош заслужува да излезе од овој застој“, порача тој.
Критики и за состојбата во Скопје
Јакимовски во гостувањето се осврна и на управувањето со главниот град. Според него, Скопје и натаму се соочува со нефункционалност на јавните претпријатија, додека реалните проблеми се прикриваат со популизам и рекламирање.
Тој смета дека не треба да се прават споредби со Данела Арсовска, туку со поранешни градоначалници како Ристо Пенов и Коце Трајановски.
„Ова што сега го гледаме е истата политика како и на централно ниво – чист популизам“, рече Јакимовски.
Според него, граѓаните не чувствуваат суштински напредок на терен, и покрај честите промотивни настапи.
Луна паркот, проект што со години се најавува
Особено критичен беше и за најавите околу изградбата на Луна паркот во Скопје. Според него, станува збор за проект што со години се повторува во јавноста, без конкретна реализација.
„Ова е веќе петти мандат како се најавува Луна паркот“, изјави тој.
Јакимовски додаде дека децата кои со години слушале за овој проект веќе пораснале, а парк сè уште нема. Тој оцени дека вакви проекти не треба да се претставуваат како големо достигнување, туку како обврска кон граѓаните.
На крајот порача дека на Скопје му треба работа, а не само добро спакуван ПР.





