MKinformer

your daily dose of news

Сотир Лукровски виден како оди на „пеење“ во главниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ: Дали Лукровски од понеделник ќе оди на работа?

26/06/2026 14:47

Според извори на МК Информер, деновиве Сотир Лукровски бил забележан како влегува во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Истите извори тврдат дека таму се разговарало за неговата иднина и за начинот на кој би се избегнале евентуални предвремени локални избори во Карпош.

Според информациите со кои располага редакцијата, на Лукровски му било наложено да се врати на работа и формално да остане градоначалник најмалку до истекот на половина од мандатот, додека оперативното функционирање на Општината би продолжило преку веќе назначениот Неделчо Крстевски .

Истите извори тврдат дека разговорите се одвивале во тензична атмосфера и биле изнесени и предупредувања дека евентуалното напуштање на функцијата би можело да има последици врз неговата понатамошна професионална кариера, вклучително и можноста да не се врати на своето претходно работно место во Алкалоид.

Во јавноста кружат и други информации дека врз Лукровски бил вршен силен политички притисок во периодот кога сакал да се повлече од функцијата. А некои шпекулации велат дека Лукровски изел и некоја „заушка“. Овие информации ниту се потврдени, ниту негирани од засегнатите страни.

Боледување, повлекување или оставка?

Според информации што подолго време кружат во политичките кругови, а дел од нив ги потврдуваат и извори на МК Информер, Сотир Лукровски во два наврати изразил желба да се повлече од градоначалничката функција. Овие информации досега не се официјално потврдени, но ниту јавно демантирани од него или од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа би било сериозен политички удар за партијата на Христијан Мицкоски, ако се има предвид дека Лукровски беше еден од најекспонираните кандидати на локалните избори во 2025 година. Во неговата кампања беа вклучени речиси цела влада, цел пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, докторската фела која е благонаклонета кон компанијата од која доаѓа тој и секако да не ја заборавиме поддршаката од нивниот „лут ривал“ СДСМ или поточно СДСМ на Заев и Филипче.

Во политичките кулоари подолго време се зборува и дека за победата над Стевчо Јакимовски биле вложени огромни финансиски и кадровски ресурси. Низ Карпош се шпекулира дека победата го чинела ВМРО и Мицкоски над два милиони евра, а тоа само потврдува дека Карпош беше една од најважните политички битки за ВМРО-ДПМНЕ.

Токму затоа, евентуалната оставка на Лукровски би претставувала голем политички пораз и залудно потрошени пари.

Законски измени и политички преседани

Кога ВМРО-ДПМНЕ ја освои централната власт, првите најави беа дека преку измени на Законот за локална самоуправа ќе се создадат механизми за разрешување на „неподобни“ градоначалници. Како пример тогаш најчесто се споменуваше Данела Арсовска. Тогаш се спомнуваше можност за организирање на референдум за разрешување на градоначалник. На крајот, наместо законско решение за Скопје и Арсовска, јавноста доби законско решение што овозможи Тимчо Муцунски на половина мандат како граданочалник на Аеродром, да стане министер за надворешни работи, додека Дејан Митески како вршител на должност го продолжи управувањето со Општина Аеродром без нови избори.

Денес, токму овие законски имзени го мачат ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство. Ако се овозможеше законска можност за референдум, Сотир Лукровски и ВМРО-ДПМНЕ ќе беа завршена приказна во Општина Карпош. Но и „законот за Тимчо Муцунски“ денес им прави проблем во Карпош, затоа што Лукровски не издржа ни пет месеци, а камоли половина мандат за да го предаде градоначалничкото сточе без избори.

Молкот како политички проблем

Во последните недели, едно прашање сè погласно се поставува меѓу карпошани, кој навистина раководи со Општина Карпош? Наместо јасен и официјален одговор, јавноста добива молк, а власта се обидува целата приказна околу отсуството на градоначалникот Сотир Лукровски да ја сведе на неговото боледување.

Но, ова одамна престана да биде тема за здравствената состојба на еден функционер. Ова е прашање за транспарентност, политичка одговорност и почитување на вољата на граѓаните кои гласаа за конкретен градоначалник.

Ако сето ова не е точно, тогаш најлесниот начин да се стави крај на шпекулациите е Сотир Лукровски јавно да се појави пред граѓаните, да каже дали ја извршува функцијата и дали лично ги носи сите одлуки во Општина Карпош.

Доколку, пак, овие информации се точни, тогаш станува збор за сериозен демократски проблем. Граѓаните не гласаа за вршител на должност, не гласаа за партиски штаб и не гласаа за управување од сенка. Гласаа за човек кој требаше четири години лично да ја води Општина Карпош.

Од понеделник на работа или предвремени Локални избори во Карпош?

Прашањето затоа останува едноставно, но исклучително важно:

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе му дозволи на Лукровски да се повлече, а на карпошани ќе им дозволи да го кажат своето мислење на предвремени Локални избори во Општина Карпош?

Мк Информер исто така дознава дека во мементов се прават интензивни испитувања на јавното мислење и анкетирање во Карпош за евентуални избори и кој би го наследил Лукровски на градоначалничката функција.

error: Содржината е заштитена од копирање !!