Јакимовски со критики за првите 100 дена од локалната власт во Карпош: Наместо да броевме денови, ќе броевме проекти
25/02/2026 12:13
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, преку објава на социјалните мрежи упати критики до актуелната локална власт, оценувајќи дека во првите 100 дена од мандатот нема видливи резултати и реализирани проекти.
Во својот статус, Јакимовски наведува дека доколку победел на последните локални избори, граѓаните веќе ќе имале завршени инфраструктурни и образовни проекти наместо, како што вели, да се бројат деновите од мандатот.
Проекти што, според него, ќе биле реализирани
Тој посочува дека градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе 1 досега ќе била пуштена во употреба, а градинката „Пролет“ кај населбата Канела ќе се наоѓала во завршна фаза, со можност децата да добијат нов простор уште на 1 мај.
Според Јакимовски, спортската сала во основното училиште „Димов Хаџи Димов“ веќе ќе била ставена во функција, а повеќе улици во Карпош – меѓу кои Петар Чаулев, Софиска, Џумајска, Јуриј Гагарин, Загребска, Атинска, Бранислав Нушиќ и Трифун Бузев – ќе биле целосно реконструирани.
Дополнително, тврди дека ќе биле решени канализациските проблеми во Бардовци и на улицата Ловќенска, како и безбедносните прашања поврзани со потпорниот ѕид на улицата Загребска. Проектите за катни гаражи во Карпош 1 и Карпош 2, според него, веќе ќе биле подготвени со распишани тендери.
Порака до актуелната власт
„Не е прашањето во деновите, туку во посветеноста. Кој знае – прави. Кој не знае – брои“, напиша Јакимовски, оценувајќи дека начинот на кој започнале првите 100 дена ќе го одреди и остатокот од мандатот.
Неговата објава предизвика поделени реакции на социјалните мрежи – дел од граѓаните ја поддржаа критиката, додека други побараа споредба со реализираните проекти од неговиот претходен мандат.






