MKinformer

your daily dose of news

ПОТПИШАН ДОГОВОР: Европската инвестициска банка ќе отвори канцеларија во Скопје

12/11/2025 15:46

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт Де Грот, по што беше потпишана Спогодба за отворање на претставништво на ЕИБ во Скопје.

На заедничката прес-конференција во Владата, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека овој чекор претставува значаен исчекор во продлабочувањето на соработката со Европската Унија и унапредување на партнерството со европските финансиски институции.

„Од независноста до денес, Европската инвестициска банка има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија и модернизација на јавните услуги“, изјави Муцунски.

Тој нагласи дека отворањето на канцеларијата на ЕИБ во Скопје ќе овозможи поефикасна имплементација на проектите, подобра координација и поголем пристап до техничка и финансиска поддршка.


🇪🇺 ЕИБ: Поддршка за економски раст и зелена транзиција

Потпретседателот Роберт Де Грот истакна дека потпишувањето на Спогодбата означува нова фаза на партнерство меѓу Северна Македонија и ЕИБ.

„Од 1991 година, ЕИБ има договорено инвестиции од повеќе од 1,6 милијарди евра во поддршка на економијата, инфраструктурата, општините и малите и средни претпријатија. Со отворањето на ова претставништво, ја зацврстуваме нашата поддршка и подготвеност да ја следиме земјата на патот кон ЕУ“, рече Де Грот.

Тој потенцираше дека фокусот на идната соработка ќе биде насочен кон енергетиката, транспортот, управувањето со отпадните води и сигурното снабдување со вода, особено во Скопје.

„Како дел од иницијативата Тим Европа и новиот план за раст на Европската комисија, ЕИБ ќе продолжи да поддржува проекти кои промовираат одржлив развој, зелена транзиција и подобрени јавни услуги“, додаде тој.


💡 Владата: Стратешки чекор кон европскиот финансиски простор

Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од потпишувањето на Спогодбата, истакнувајќи дека присуството на ЕИБ во земјата е „јасен сигнал за доверба во македонската економија и реформски капацитет“.

Со ова, ЕИБ станува партнер во забрзаната економска трансформација на земјата, преку поддршка на зелената транзиција, интеграција во европскиот економски и финансиски систем, како и промовирање на нови инвестиции и одржлив раст.

error: Содржината е заштитена од копирање !!