„Кривичната стои во фиока три години“: Арсовска со критики до Обвинителството и Мицкоски
13/11/2025 21:09
Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи упати остри критики кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и кон Јавното обвинителство, обвинувајќи ги за политичка неактивност и селективна правда околу случајот со фабриката „Титан УСЈЕ“.
Арсовска тврди дека уште пред три години поднела кривична пријава против компанијата поради загадувањето што, како што вели, континуирано го труе Скопје, но дека Обвинителството не преземало никакви конкретни чекори.
„Видеото со кое Обвинителството тврди дека постапува е старо една година, а кривичната пријава стои во фиока. Со докази ја поднесов пријавата за УСЈЕ уште пред три години“, напиша Арсовска.
Таа праша зошто директорот на „УСЈЕ“ сè уште не е приведен, и обвини дека институциите молчат пред, како што го нарече, „режимскиот диктатор Мицкоски“, кој, според неа, штити крупни интереси наместо граѓаните и нивното здравје.
„Го чекаме Мицкоски да покаже дека не стои на страната на загадувачите и конечно да покрене постапка против „УСЈЕ“. Граѓаните заслужуваат да знаат кој профитира од нивното канцерогено секојдневие“, порача поранешната градоначалничка.
Арсовска со оваа објава повторно ја отвори темата за одговорноста на државните институции и политичките елити во справувањето со индустриското загадување во Скопје, прашање кое со години предизвикува револт кај јавноста.





