MKinformer

your daily dose of news

Советот на Град Скопје, со првата одлука воведе забраната за фрлање ѓубре по 22 часот, мерката предизвика реакции

14/11/2025 22:26

Советот на Град Скопје, на предлог на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја донесе првата покрупна одлука, забрана за фрлање отпад во периодот од 22:00 до 06:00 часот. Според градските власти, целта е поефикасно празнење на контејнерите, намалување на дивите депонии и јасен правен основ за санкционирање на прекршителите.

Од Градот појаснуваат дека инспекторите и комуналните редари добиваат овластувања да постапуваат и казнуваат согласно Законот за комунални дејности. Мерката ја поздрави и претседателот на Советот, Даме Димитровски, кој потсети дека вакви ограничувања постојат и во светските метрополи.

Сепак, од советничката група на Левица реагираа остро. Советничката Катерина Јовановска ја опиша одлуката како „скандалозна“, обвинувајќи дека се префрла одговорноста за лошото функционирање на ЈП Комунална хигиена врз граѓаните.

Освен оваа мерка, Советот со 37 гласа „за“ го усвои и ребалансот на буџетот. Градоначалникот Ѓорѓиевски најави намалување на буџетскиот дефицит за над 15 милиони евра, повеќе средства за капитални проекти и кратење на непродуктивните трошоци. Предвидени се пари за реконструкција на улици, кружни текови и клучката кај Момин Поток, како и 70 илјади евра за новогодишно украсување.

Ѓорѓиевски повтори дека Градот и јавните претпријатија должат речиси 300 милиони евра и предупреди на историски ниска наплата на даноците, околу 30 проценти.

Ребалансот го поддржаа и советниците на СДСМ, кои истакнаа дека јавните претпријатија мора да бидат одблокирани за да се подобри хигиената во градот.

Ова е првата значајна одлука на новиот советнички состав, кој уште на старт се соочува со чувствителни комунални и финансиски предизвици, но и со поделени реакции за применливоста на новите мерки.

error: Содржината е заштитена од копирање !!