MKinformer

your daily dose of news

Прв пат по 12 години, државната помош за странските компании доцни поради изборите

24/11/2025 10:00

Исплатата на државната поддршка за странските компании е блокирана со месеци поради изборниот процес, што создава значајни потешкотии во работењето на дел од најголемите инвеститори во земјава. Според бизнис-заедницата, ова е првпат државата да доцни со своите обврски, и тоа токму во период кога економијата се соочува со силни меѓународни притисоци.

Извршниот директор на „ОДВ Електрик“, Огнен Цубалевски, нагласува дека веќе 12 години државната помош се исплаќала редовно, без оглед на изборните циклуси.

„Оваа година прв пат имаме девијација заради изборите. Дванаесет години се исплаќа на време и никогаш немало доцнење. Сега уште не е исплатена државната помош со образложение дека причината се локалните избори. Тоа е нешто што не ѝ треба на Македонија“, истакна Цубалевски.

Дополнителен удар врз компаниите е кризата на автомобилскиот пазар во Германија, која силно ги погодува домашните извозници. Европската стагнација го отвора патот за кинеските производители – кои пак не соработуваат со македонските фабрики, што дополнително ги ограничува можностите на локалниот извоз.

Претседателот на Советот на странски инвестиции, Виктор Мизо, предупредува дека значаен фактор се и американските царини од 15% за премиум европски марки, воведени во времето на Доналд Трамп.

„Профитот на Порше за девет месеци е намален за над 95% во однос на минатата година. Слично е и со Мерцедес и Фолксваген“, објасни Мизо.

Како последица од глобалните и домашните притисоци, компании како Аптив и Дура се на работ да ги затворат своите производни погони во индустриската зона во Скопје. Други инвеститори веќе го намалуваат бројот на работници или ги укинуваат смените.

Податоците на НБРМ покажуваат драматичен пад на странските инвестиции: ако во првите два квартали минатата година тие изнесуваа околу 560 милиони евра, годинава се преполовени – на нешто над 220 милиони евра.

Бизнис-заедницата предупредува дека ако државата продолжи да ги одложува своите обврски, довербата на странските инвеститори може трајно да се наруши, што би имало долгорочни последици врз економијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!