MKinformer

your daily dose of news

Вонредно обраќање на Вучиќ, Банкарски и здравствен систем под ризик ако НИС не добие дозвола од САД

25/11/2025 13:53

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во вонредно обраќање соопшти дека рафинеријата на НИС сè уште работи, но во значително намален режим. Според него, компанијата се наоѓа во т.н. „тивка работа“, односно во технолошки процес на топла циркулација, што претставува последен чекор пред целосно запирање на производството.

Вучиќ предупреди дека Србија има уште четири дена за да добие лиценца за работа од американскиот OFAC, без која рафинеријата ќе мора да престане со работа. Тој нагласи дека и покрај очекувањата дека дозволата ќе биде одобрена претходната вечер, американските партнери побарале дополнителни информации пред да донесат конечна одлука.

„Сè уште има барања од американска страна кои треба да се исполнат. Од нив зависи дали ќе добиеме дозвола за наредните 45 или 60 дена“, изјави Вучиќ.

Национализацијата не е опција, за сега

Претседателот нагласи дека Србија не планира да ја национализира НИС, дури и ако рафинеријата прекине со работа 50 дена. Во тој случај, рече тој, државата би вовела привремена администрација и би понудила „фер откупна цена“ на руските акционери.

Вучиќ откри дека американската страна побарала дополнително време за консултации со партнерите од Унгарија, Емиратите и Русија, а Србија, како што рече, ќе ги почитува тие барања.

Сериозни ризици: банкарски систем, здравство и економија

Ако лиценцата не биде одобрена, НИС ќе се соочи со секундарни санкции, што би ги погодило и српските банки кои работат со компанијата. Тоа, според Вучиќ, може да доведе до блокирање на меѓународните трансакции, ограничување на кредитирањето, па дури и нарушување на функционирањето на платежните картички.

„Тоа би го загрозило целото функционирање на државата, од здравството и снабдувањето со храна, до работа на топланите, полицијата и јавниот превоз“, предупреди тој.

Вучиќ додаде дека ако рафинеријата запре, рестартот би траел најмалку 14 дена, а најверојатно 20 или повеќе, што значи дека НИС сигурно нема да работи до Нова година.

Можни последици: повисоки цени и проблеми со снабдувањето

Според него, иднината на снабдувањето со нафтени деривати е неизвесна. Ако НИС не добие лиценца, Србија ќе мора да се потпре на увоз, што би довело до поскапувања, зголемена инфлација и притисок врз земјоделскиот сектор кој во моментов има повластени цени на дизел.

Вучиќ: Србија направи сè за да му помогне на рускиот инвеститор

Претседателот истакна дека Србија секогаш го поддржувала рускиот сопственик на НИС и ги потпишувала сите документи упатени до OFAC. Додаде дека државата никогаш не го користела правото на првенствено откупување, и покрај тоа што рускиот капитал повеќепати го менувал сопствеништвото во последните години.

Две дена до празникот во САД, времето истекува

Со американскиот Ден на благодарноста што се приближува, Вучиќ предупреди дека шансите за добивање на лиценцата се намалуваат. Според него, моменталната проценка е 50:50.

„Ако не добиеме лиценца до понеделник, во огромен проблем сме“, заврши тој.

error: Содржината е заштитена од копирање !!