MKinformer

your daily dose of news

Македонија со длабока демографска криза: 3500 повеќе починати од новородени до септември

27/11/2025 22:46

Негативниот природен прираст во земјава продолжува да се продлабочува, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во првите девет месеци од годинава бројот на починати лица е поголем од бројот на новородени за дури 3.425 лица, што е значајно полошо од истиот период лани, кога разликата изнесуваше 2.440.

Според статистиката, во периодот јули–септември се родиле 4.431 бебиња, додека починале 4.849 лица – негативна разлика од 418. Иако ова е нешто подобро од првиот и вториот квартал, трендот останува загрижувачки. Вкупно од јануари до септември се евидентирани 11.689 раѓања, наспроти 15.123 смртни случаи.

Иако во летните месеци има мало зголемување на бројот на раѓања (3,7% повеќе од лани), очекувањата се дека до крајот на годината бројката ќе биде околу 16.000 – далеку под бројките од минатите години. За споредба, во 2020 година имало над 19.000 новороденчиња, а во 2015 – повеќе од 23.000.

Негативниот природен прираст е присутен во речиси сите осум статистички региони. Ако се додаде и масовната емиграција, демографската слика станува уште посериозна. Според Меѓународниот центар за развој на миграциска политика, македонската дијаспора брои околу 693.896 лица, од кои најголем дел живеат во ЕУ, САД, Канада и Австралија.

Паралелно со ова, се бележи и намалување на бројот на склучени и разведени бракови. Заклучно со септември, регистрирани се 8.152 брака, што е помалку од 8.686 лани, а бројот на разводи исто така е намален – 1.480 годинава, наспроти 1.508 во истиот период минатата година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!