Рекордни цени на недвижности во Скопје: стан во Центар продаден за 3.070 евра по квадрат
27/11/2025 10:27
Највисоката тргувана цена на недвижност во Скопје во третиот квартал достигнала 3.070 евра за квадратен метар, изјави директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски, во гостувањето во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21. Рекордот е постигнат при купопродажба на стан од нова градба, купен директно од инвеститор, и тоа во скопската општина Центар.
Живковски нагласи дека највисоките цени се карактеристични исклучиво за новите станови во централното градско подрачје, каде побарувачката е традиционално најголема. Сепак, просечната цена во Центар е значително пониска, околу 1.600 евра по квадрат, поради влијанието на купопродажбите на постари станови, меѓу кои и станови градени пред земјотресот, често без лифт и со потреба од дополнителни инвестиции.
Трендот на раст влијае и од трансакции каде што цените биле утврдени преку преддоговори склучени пред неколку години, кога пазарот бил значително поевтин.
„Кога денес се склучува главниот договор, а преддоговорот е потпишан пред три или четири години, граѓаните тогаш платиле многу пониска цена, бидејќи растот на пазарот сè уште не беше присутен“, објасни Живковски.
Според Катастарот, новоградбите остануваат главниот двигател на растот на цените, додека старите станови ја повлекуваат просечната вредност надолу, особено во централните општини.



