Цените на становите рушат рекорди: Над 3000 евра за квадрат во Центар, Аеродеом рекордер во продажба
10/02/2026 12:19
Пазарот на недвижности во Македонија бележи силен раст и во последниот квартал од 2025 година, покажуваат најновите податоци од Агенција за катастар на недвижности. Во периодот од октомври до декември 2025 година, во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 1.004 новоизградени станови, што е за 159 повеќе во споредба со третиот квартал.
Истовремено, во Катастарот се запишани 27.522 листови за предбележување градба, што укажува дека значителен број објекти се во фаза на изградба и наскоро ќе се појават на пазарот.
Рекордна цена во Општина Центар
Највисоката постигната цена по метар квадратен во овој квартал изнесува 182.404 денари, односно 246.171 евро за стан со површина од 83 м², лоциран во Општина Центар. Овој податок уште еднаш потврдува дека централното градско подрачје на Скопје останува најскапа локација за домување.
Каде се продава најмногу?
Најголем број продадени станови се евидентирани во Општина Аеродром – вкупно 304 станови. Кај куќите, лидер е Битола со 91 продадена куќа, додека најмногу деловен простор е продаден повторно во Општина Центар – 31 деловна просторија.
Кај земјиштето, најмногу продажби на земјоделско земјиште и шуми има во Куманово со 110 трансакции, а најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во Општина Ѓорче Петров – 43 продажби. Во истиот период се продадени и 194 гаражи низ повеќе општини.
Раст на трансакциите и закупите
Во четвртиот квартал од 2025 година се регистрирани вкупно 9.283 трансакции, што е за 964 повеќе во однос на претходниот квартал. Од нив, 6.230 се купопродажби, а 3.053 се закупи, што претставува значителен квартален раст од 869 нови закупи.
Продажбите сочинуваат 55% од пазарот, додека закупите учествуваат со 33%, што заедно претставува 88% од сите трансакции со недвижности.
Декември најактивен месец
Најмногу трансакции се регистрирани во декември (3.274), додека најмалку во ноември (2.797). Најмногу продажби – 1.863 – се случиле исто така во декември, додека најмногу продажби од инвеститор се регистрирани во октомври (416).
Пазар со силни разлики
Најактивна општина е Општина Центар со 812 трансакции, по што следуваат Аеродром (645), Штип (634), Карпош (472), Битола (415) и Гази Баба (410). Наспроти тоа, во повеќе рурални општини се регистрирани помалку од 10 трансакции, што укажува на силна нерамномерност и регионално раздвојување на пазарот.
Цените продолжуваат да растат
Како што претходно објави Народна банка на Република Северна Македонија, цените на недвижностите во четвртиот квартал од 2025 година пораснале за 25% на годишно ниво, по сличен раст забележан и во претходните квартали.
Дополнително, податоците од Државен завод за статистика покажуваат дека во ноември биле издадени 304 одобренија за градење, со што се планира изградба на 761 нов стан, од кои најголемиот дел во Скопскиот регион.


One thought on “Цените на становите рушат рекорди: Над 3000 евра за квадрат во Центар, Аеродеом рекордер во продажба”
Comments are closed.