Вистинската историја на Црн петок: Како денот на попустите добил „црно“ име?
28/11/2025 0:23
Иако денес милиони луѓе ширум светот со нетрпение ги чекаат попустите за Црн петок, овој ден во минатото имал многу поразлично и значително потемно значење.
Црн петок традиционално се одбележува ден по Денот на благодарноста во САД и го означува почетокот на празничната шопинг-сезона. Со текот на времето, овој американски феномен се прошири и во останатите земји, станувајќи најпрометниот ден за купување во годината. Но, терминот првично не бил поврзан со попусти.
Првата позната употреба на изразот „Црн петок“ потекнува од 1869 година и се поврзува со драматичниот колапс на цената на златото, што предизвикало економски шок чиј ефект се чувствувал години. Дури во 1950-тите и 60-тите години терминот се појавил во нов контекст – во Филаделфија, каде сообраќајната полиција го користела за да ги опише огромните гужви, хаосот и сообраќајниот метеж предизвикан од шопинг-манијата.
Покрај полицијата, денот не бил омилен ни кај трговците. Многу работници масовно земале боледувања за да избегнат напорни сменски денови, па во едно списание од 1951 година беше опишана „петок-по-Денот на благодарноста болест“, која се појавувала токму на овој датум.
Иако постоеле обиди терминот да се замени со „Велики петок“ за да се промовира позитивна празнична атмосфера, промената никогаш не заживеала. Наместо тоа, трговците решија да го претворат денот во празник на попустите – стратегија која подоцна го направи Црн петок глобален трговски феномен.
Но, покрај големите заработки, Црн петок има и темна страна: насилни инциденти, турканици и повреди – меѓу кои се забележани и 12 смртни случаи – предизвикани од разбеснети толпи што трчаат по производи на големи попусти.






