(Фото и Видео) Избегнат меѓуетнички инцидент во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“
28/11/2025 21:48
Во Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј“ денеска бил избегнат посериозен меѓуетнички инцидент, откако група албански ученици, по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември , внеле албански знамиња и традиционални капи (кече) со кои ги поттикнувале своите соученички да се фотографираат и да присуствуваат на настава со нив.
Според сведоштва на ученици, група македонски средношколци реагирале кај директорот, наведувајќи дека според законската регулатива во образовните установи не е дозволено носење и истакнување политички или националистички симболи. Наместо да преземе мерки за смирување на ситуацијата, директорот наводно им одговорил дека „нема што да се прави, тие се Албанци, да не ја правиме големата“.
Револтирани од односот, македонските ученици истакнале македонски знамиња, по што настанала вербална расправија со групата која ги донела албанските симболи, а од нив било барано да ги отстранат македонските знамиња.


Според информациите, директорот реагирал дури по ескалацијата и ги повикал македонските ученици, како и еден родител, со цел да ги укори и да ја прекине расправијата. Истовремено, на учениците кои ја започнале провокацијата им било дозволено да продолжат со наставата, и покрај тоа што постапката е спротивна на правилата и законските прописи за однесување во училиштата.
Инцидентот завршил без физички конфликт, но предизвикал силна реакција меѓу дел од учениците и родителите, кои бараат училиштето да постапува еднакво кон сите, со почитување на законот и одржување на етничкиот баланс во образовниот процес.






