Православните верници го слават Воведение – Пречиста: празник со длабока духовна и семејна симболика
04/12/2025 8:58
Православните верници денес го одбележуваат празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица, познат меѓу народот како Пречиста, еден од најзначајните празници во православната вера. Празникот, кој се слави секоја година на 4 декември, го означува моментот кога Пресвета Богородица, во придружба на своите родители Јоаким и Ана, за првпат била однесена во храмот во Ерусалим.
Според преданието, родителите ѝ дале завет на Бога дека ако добијат дете, ќе го посветат во служба на храмот. Кога Марија наполнила три години, ја одвеле да го исполнат заветот. Пред храмот имало 15 скали, а Марија, иако многу мала, сама ги искачила – што се смета за знак на посебна Божја благодат. На врвот ја пречекал првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Крстител, кој ја внел во Светињата над светиите, место каде што само поглаварот на свештенството влегувал еднаш годишно.
Марија останала да служи во храмот девет години, посветувајќи го животот на молитва и чистота. По смртта на родителите, заради тогашните закони, на возраст од 12 години била доверена на свети Јосиф, не како сопруг, туку како заштитник, за да може да го продолжи својот девствен живот. Марија се смета за првата девојка што дала доживотен завет, пример што подоцна го следеле многу вернички.
Празникот се совпаѓа со Божиќниот пост, но црковниот устав дозволува риба и масло, што го прави овој ден посебно радосен во постниот период. Традиционално, празникот има силна духовна поврзаност со жените. Во минатото, се верувало дека жените кои не можат да добијат потомство треба да се помолат во црква на Пречиста и да преноќат таму, со надеж дека Бог ќе им ја исполни желбата.




