Царинари од ЦИ Тетово спречија шверц на 2 тони фалсификуван прашок
05/12/2025 9:35
Царинските службеници од Царинската испостава Тетово спречија обид за криумчарење голема количина фалсификуван прашок за перење алишта, натоварен во Турција и наменет за увозник од Скопје. При контролата биле откриени 2000 килограми – односно 200 вреќи по 10 килограми – со трговската марка „Ариел“, за кои постоело сомневање дека го повредуваат правото на интелектуална сопственост.
Одделението за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост ја известило компанијата-носител на брендот, чиј правен застапник потврдил дека се работи за фалсификат. Поради тоа, тој дал согласност стоката да биде уништена.

По завршување на постапката, против сторителот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од Царинската управа истакнуваат дека нивните секојдневни активности во сузбивање на нелегалната трговија се од клучно значење, не само за заштита на економијата, туку и за здравјето на граѓаните, бидејќи фалсификуваните хемиски производи често содржат неконтролирани и потенцијално штетни состојки. Дополнително, ваквите производи можат да претставуваат ризик и за животната средина.




