Откако си замина Данела Арсовска, „Линк Медиа Плус“ повторно ќе го „украсува“ Скопје
08/12/2025 18:55
Фирмата „Линк Медиа Плус“ ДООЕЛ е избрана да го реализира новогодишното украсување на главниот град, откако на распишаниот тендер пристигнала само една понуда – нивната. Градот ќе плати 3.260.000 денари за декорација на централните локации и главните булевари, а договорот ќе биде потпишан веднаш по доставувањето на банкарската гаранција.
Оваа компанија и годинава доби неколку слични ангажмани, меѓу кои новогодишното украсување на Општина Центар и Општина Штип. Во системот за јавни набавки се гледа дека „Линк Медиа Плус“ претходно работела и на миење улици, сервисирање службени возила на Финансиската полиција и набавка на канти за отпадоци. Лани поставуваше празнична декорација во Кавадарци, Чаир и во трговскиот центар во центарот на Скопје.
Според тендерската документација, најголем дел од празничните украси ќе бидат поставени на плоштадот „Македонија“. Таму ќе бидат инсталирани три големи светлосни фигури „подарок“ со минимални димензии 4 х 3 метри, новогодишна елка висока најмалку 13 метри со метална конструкција и вештачко зеленило, 3Д „мече“ високо 4 метри, големи светлечки ѕвезди, 3Д рамка за фотографирање во форма на Дедо Мраз, „ѕвездено небо“ од 800 квадратни метри, лед-мразулци и светлечки обвивки на 25 канделабри.
Украсување е предвидено и на главните скопски улици и булевари – „Даме Груев“, „Димитрија Чуповски“, „11 Октомври“, како и булеварите „ВМРО“, „Гоце Делчев“, „Партизански Одреди“ и улицата „Филип Втори Македонски“. На овие локации ќе се постават висечки светлосни украси, лед-фигури и декоративни инсталации.
Пред Владата, пак, ќе бидат монтирани 40 светлосни елементи, идентични на оние предвидени за другите булевари. Фирмата е задолжена и за целосна демонтажа по завршувањето на празничниот период.
Градските власти засега не откриваат кога точно ќе започне поставувањето на украсите, ниту дали ќе има организирана новогодишна програма и кој би настапувал за дочекот на Новата година.
Добро позната фирма кога е во прашање новогодишното украсување
Фирмата „Линк Медиа Плус ДООЕЛ“ од Скопје низ повеќе години е речиси непроменлив партнер на Град Скопје кога станува збор за новогодишно украсување. Од првиот договор во 2016 година вреден околу 12 милиони денари, преку постојаното зголемување на средства вложени за празнична атмосфера, до 2019 и 2025 година — кога Скопје беше украсено со проекти вредни, според медиумите, и до околу 53.000 евра.
Според податоците од независни анализи, во 2019 година Градот исплатил 17.852.000 денари на „Линк Медиа Плус“ за новогодишна декорација. Young Journalists’ Network Во 2021, договор вреден 243.000 евра беше склучен со истата фирма, но подоцна поради енергетската криза Градот и градоначалничката Данела Арсовска одлучи договорот да го раскине и да се откаже од традиционалното еднократно украсување, најавувајќи дека ќе набавува украси што ќе останат сопственост на градот.
По неколку години пауза, во 2025, „Линк Медиа Плус ДООЕЛ“ повторно е избрана како единствен понудувач за новогодишна декорација на Скопје, со договор од 3.260.000 денари (~53.000 евра).





