Едукација, превенција и безбедност: Полициски активности во училиштата и локалните заедници
10/12/2025 17:33
Полициските службеници од СВР Битола, СВР Велес и СВР Штип денеска (10 декември 2025 година) спроведоа повеќе превентивни и едукативни активности насочени кон безбедноста во сообраќајот, заштитата од имотни кражби, спречувањето на меѓуврсничко насилство и опасностите од употребата на пиротехнички средства, информираат од МВР.
Во Основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во општина Пласница, полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола одржаа трибина со учениците, на која беше посочено на ризиците и сериозните последици од користењето на пиротехнички средства, особено во периодот пред новогодишните и божиќните празници. Учениците беа запознаени и со законските санкции за незаконската употреба и продажба на пиротехника.
Истовремено, полициски службеници од Полициската станица Делчево при СВР Штип одржаа предавање во ОУ „Климент Охридски“ во Делчево, каде што освен за опасностите од пиротехниката, се дискутираше и за препознавање и превенција на меѓуврсничко насилство, како и за психолошките и правните последици од ваквото однесување.
На подрачјето на СВР Штип, во градовите Пробиштип и Кочани, беа реализирани и превентивни активности за безбеден сообраќај. Преку директна комуникација со возачите, полициските службеници укажуваа на потребата од технички исправни возила, строго почитување на прописите и недозволивост на управување со возило под дејство на алкохол. Пешаците, пак, беа предупредени да не користат мобилен телефон при преминување на коловоз.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес спроведоа превентивно-едукативна активност за заштита од имотни деликти, со посебен фокус на кражби и измами. Во директен контакт со граѓаните, особено со повозрасните лица, беа споделени практични совети за заштита на домовите и навремено пријавување на секој сомнителен случај.
Во рамки на одбележувањето на 9 Декември, Денот на превенцијата, во просториите на СВР Струмица беше организирана и посета на деца од различна возраст. Тие беа пречекани од началникот на СВР Струмица и полициски службеници, кои ги запознаа со секојдневната полициска работа, опремата што ја користат и службените простории. Децата присуствуваа и на видео презентација од досегашните превентивни активности, како и на претставување на електронска книга со творбите од конкурсот по повод Денот на полицијата, 7 Мај.





![Втop cocтaнoк на работната група за кaнaбиc, дeфиниpaни пoимитe дeкpиминaлизaциja, лeгaлизaциja и дeпeнaлизaциja kanabis-biznis[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/kanabis-biznis1.jpg)
