Голема полициска акција: Претреси во Арачиново, Чаир и други локации – пронајдено оружје и приведени 12 лица
10/12/2025 14:01
Полицијата рано утрово изведе координирана акција на повеќе локации во Скопје, насочена кон спречување недозволена трговија со оружје. Претреси биле спроведени во Арачиново, Мојанце, Сингелиќ, Чаир, Брест и Љуботен, при што, според првичните и неофицијални информации, биле откриени три автоматски пушк и, два пиштола, значајна количина муниција од различни калибри, како и пет моторни возила и повеќе мобилни телефони, кои се одземени за понатамошна обработка.
Неофицијално, приведени се околу 12 лица, а службите продолжуваат да работат на теренот и во текот на денот.
Акцијата ја потврдија и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Оттаму наведуваат дека претресите се изведени под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, поради сомневање за дела поврзани со оружје и наркотични средства.
„Во текот на утрово полициски службеници под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, извршија претреси на повеќе локации во Арачиново, Ченто, Брест, Инџиково и Чаир поради основи на сомневање за сторени кривични дела поврзани со оружје и дрога“, стои во дописот.
Од Министерството за внатрешни работи се очекува и официјално соопштение со повеќе детали за оваа акција.






