Акција на МВР за нелегален ботокс и филери
23/04/2026 21:15
Полицијата попладнево спроведува нова координирана акција на повеќе локации низ државата, насочена кон разбивање нелегални мрежи кои, според неофицијални информации, профитирале на штета на здравјето на граѓаните.
Акција на повеќе локации низ државата
Неофицијално, Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР врши претреси и приведува повеќе лица, меѓу кои организатори, посредници, а според првичните сознанија и лекари и други службени лица кои наводно биле дел од организирана криминална група.
Сомнежи за нелегален увоз на ботокси и филери
Според неофицијалните информации, групата била поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати. Овие производи, како што се сомнева истрагата, биле внесувани во Македонија преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и Србија.
Потоа препаратите биле пласирани на пазарот без соодветна контрола, без дозволи и без регистрација, иако дел од нив се користеле во естетски третмани и медицински интервенции.
Неофицијално, опфатени се и лекари
Според неофицијални информации до кои дојдовме, акцијата опфаќа лекари и лица од повеќе здравствени установи. Неофицијално, станува збор за Наташа К. и Арбен К., дерматолози вработени во ГОБ „8 Септември“, Дејан Ф. од Клиниката за дерматологија, Магдалена И., докторка во ГОБ „8 Септември“, како и Андреа Т. од приватен естетски центар.
Во тек се претреси на повеќе локации, меѓу кои и домови на лица опфатени во предметот.
Се чека одлука од обвинителството
По завршување на дејствијата, надлежен јавен обвинител ќе одлучува дали ќе бидат побарани мерки од судот. Од институциите засега нема официјална потврда за акцијата, ниту детали за евентуалните кривични дела.
Сериозен ризик по здравјето на граѓаните
Овие препарати, кои често се користеле под превезот на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици, инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на граѓаните.
Случајот отвора сериозни прашања за злоупотреба на довербата на пациентите и за опасностите од нерегулирани медицински интервенции. Надлежните институции, според првичните информации, најавуваат дека борбата против ваквите криминални структури ќе продолжи со засилено темпо.






