Невзат Бејта влегува во трката за Гостивар: Коалицијата „Вреди“ го поддржа за трет мандат
11/12/2025 16:11
Невзат Бејта и официјално ќе се кандидира на повторените избори за градоначалник на Гостивар, барајќи го својот трет мандат. Тој синоќа преку објава на Фејсбук потврди дека зад него застанува коалицијата „Вреди“, а одлуката, како што наведе, произлегла по анализи на анкетите и консултации со партиските лидери.
Бејта најави дека кандидатурата ќе ја поднесе денеска напладне во Општинската изборна комисија, при што ги покани граѓаните да му се придружат во малиот парк пред општинската зграда.
Во политичката кариера долга две децении, Бејта двапати го водеше Гостивар (2005–2009 и 2013–2017), беше пратеник на ДУИ, потпретседател на партијата и министер за локална самоуправа. Во 2021 година повторно беше кандидат, спротивставувајќи му се на Арбен Таравари.
Со ова, Бејта станува вториот официјален кандидат во трката, откако вчера Ваљбон Лимани ја поднесе својата документација до ОИК.






