Наташа Крстевска Цалева именувана за в.д. раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје
12/12/2025 21:33
Советот на јавните обвинители донесе одлука обвинителката Наташа Крстевска Цалева да ја извршува функцијата вршител на должноста Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, до изборот на нов раководител, но не подолго од законски предвидениот рок од шест месеци.
Одлуката беше донесена на денешната 33-та седница на Советот на јавни обвинители, на која ова прашање беше единствена точка на дневниот ред.
Претходно, на 9 декември, Советот донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител за Мустафа Хајрулахи, дотогашен шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, по негово лично барање.
Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против него, кој опфаќа пет кривични дела за „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Тој јавно ги негираше сите наводи, оценувајќи ги како неосновани и политички мотивирани, поврзувајќи ја постапката со неговото работење во предмети поврзани со бонусите на поранешното СЈО.
Инаку, Советот на јавни обвинители уште во февруари годинава ја назначи Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во периодот додека траеше оддалечувањето на Мустафа Хајрулахи од функцијата.

![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)



