Собранието треба да ги констатира оставките на Бислимовски и на Ристовска и да го избере Гоце Наумовски за нов уставен судија
18/02/2026 12:51
Собранието денеска ќе ја одржи 85. седница, на која се очекува да бидат констатирани оставките на претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимовски и на членот на Државна комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси Цвета Ристовска.
На дневен ред се и други кадровски и законски прашања, меѓу кои изборот на проф. д-р Гоце Наумовски за нов уставен судија. Тој е предложен од надлежната собраниска комисија и треба да го замени поранешниот судија Јадранка Дабовиќ Анастасовска, која во декември поднесе оставка од лични причини.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски ја достави оставката на 12 февруари, барајќи од законодавниот дом да утврди престанок на функцијата, без дополнително образложение. Неговиот втор мандат на чело на Комисијата трае до јуни 2028 година. Пред неколку недели, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него, под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Цвета Ристовска, пак, на 13 февруари испрати допис до Собранието со кој поднесува неотповиклива оставка. Во образложението наведува дека одлуката ја донела по јавните полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа. Таа истакнува дека во текот на кариерата работела законито и дека во случаи на можен судир на интереси барала изземање согласно законот.
Нејзината оставка следува по медиумски објави дека Антикорупциската комисија отворила предмети поврзани со непријавување на фирми на членови од нејзиното семејство и можен судир на интереси.
По констатирањето на оставките, се очекува седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која треба да распише огласи за избор на нов претседател на РКЕ и нов член на Антикорупциската комисија.
На предложениот дневен ред на 85. седница засега се ставени две точки: Предлог за именување на непрофесионално ангажиран член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување и Предлог-закон за органско земјоделско производство во прво читање.
По исцрпувањето на точките од дневниот ред, предвидени се два часа за опозициски прашања до премиерот и министрите. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека дневниот ред може дополнително да биде проширен.
Собранието во рамки на 85. седница денеска ги констатираше оставките на претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски и на членот на Државна комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси Цвета Ристовска.
По усвојувањето на дневниот ред, започнаа двочасовните опозициски прашања упатени до премиерот и ресорните министри.
На дневен ред на седницата се повеќе точки, меѓу кои Предлог-одлука за давање овластување за склучување на поединечен колективен договор, Предлог за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и Предлог-одлука за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор. Пратениците ќе расправаат и за именување на непрофесионално ангажиран член на Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурување.
Собранието ја утврди и потребата од носење на Предлог-закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка. Со измените се предлага продолжување на рокот за легализација на бесправно изградените објекти за дополнителни пет години, односно законот да важи до 3 март 2031 година.
Во прво читање се и Предлог-закон за органско земјоделско производство, како и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија.
На дневен ред е и Предлог-резолуција за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешните челници на институциите на Република Косово.
Се очекува расправата по дел од точките да продолжи и во наредните денови, во зависност од динамиката на работа на пратениците.





