MKinformer

your daily dose of news

Обвинителството бара постапка против пет малолетници за насилство во училишен двор во Сарај

14/12/2025 11:22

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје против пет деца во судир со законот, поради основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство, предвидено во член 386 од Кривичниот законик.

Станува збор за малолетници на возраст од 14 и 15 години, како и уште едно дете помладо од 14 години кое, согласно закон, не може кривично да одговара. Тие, како група, извршиле тешко физичко насилство врз двајца свои врсници, исто така на возраст од 14 години.

Инцидентот се случил на 12 декември во дворот на основното училиште „Дитурије“ во скопската општина Сарај. Како што информира Обвинителството, жртвите тргнале кон излезот од училишниот двор за да си одат дома, кога биле пресретнати од напаѓачите. Следувале удари со тупаници и клоци по главата и телото.

Едното дете се здобило со полесна повреда, површинска рана на главата, додека другото претрпело тешки телесни повреди, меѓу кои контузија на главата, скршен нос и повеќекратни хематоми по телото.

Со насилничкото однесување, сторителите предизвикале чувство на страв и несигурност и кај други ученици кои во тој момент го напуштале училиштето.

Поради возраста на малолетниците и потребата од непречено водење на постапката, јавниот обвинител предложил да се изречат мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување во суд, одземање патни исправи и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетените деца.

error: Содржината е заштитена од копирање !!