MKinformer

your daily dose of news

Филозофскиот факултет во Скопје одбележува 105 години од првиот академски час

16/12/2025 9:14

Денес, 16 декември, се навршуваат 105 години од првиот академски час на Филозофскиот факултет во Скопје, кога во 1920 година првите студенти го започнале семестарот и наставата на насоките по Книжевност, Лингвистика, Историја, Филозофија и Педагогија.

Со тоа започнала традицијата на високо образование во Македонија која трае повеќе од еден век и претставува темел на академската, научната и културната мисла во земјава. Овој јубилеј, како што се нагласува, заслужува да биде одбележан достоинствено и академски.

На овој ден, посебна гордост треба да чувствуваат сите вработени професори, професори во пензија, асистенти, административен персонал, активен и пензиониран, како и сите поранешни и сегашни студенти кои поминале низ факултетските клупи на Филозофскиот факултет во Скопје.

Сепак, признавањето на историскиот континуитет од 105 години на оваа високообразовна институција не било секогаш без предизвици. Авторот на текстот потсетува дека за време на одбележувањето на 90-годишнината од постоењето, тогашното раководство на факултетот било соочено со прашања од делегација на истакнати македонски интелектуалци, меѓу кои и еден академик, зошто се слави датум од период на држава која не ги признавала Македонците како посебен народ.

И покрај ваквите дилеми, Филозофскиот факултет во Скопје останува симбол на континуитетот на македонската академска мисла, образование и научен развој, кој денес се одбележува со гордост, историска зрелост и академско достоинство.

error: Содржината е заштитена од копирање !!