MKinformer

your daily dose of news

„Стратешки работник“ со глок, ножеви и фантомка: Каква безбедност носи „стратешкиот партнер“?

22/12/2025 10:27

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против американски државјанин со потекло од Нигерија, се претпоставува дека лисето е „стратешки работник од стратешки партнер“, а кое, според обвинителството, е осомничено за сериозни и опасни кривични дела.

По спроведени обемни истражни дејствија, обезбедени се докази за основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело Неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 став 5, а во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Дополнително, против него е поведена и постапка за Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, по член 383 од КЗ.

Инцидентот се случил на 21 декември во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, кога осомничениот физички нападнал полицаец кој се обидел да го легитимира. Со удари со тупаници му нанел телесни повреди на службеното лице, по што бил совладан.

При приведувањето, кај „стратешкиот работник“ бил пронајден полуавтоматски пиштол „Глок“ калибар 9 мм, како и две рамки со по 30 куршуми, арсенал доволен не за лична безбедност, туку за сериозна закана по јавниот ред и мир.

Скандалот станува уште поголем откако е утврдено дека осомничениот престојувал во хостел во Скопје. При претресот во неговата соба, обвинителството пронашло вистинска мини-оружарница:
– уште еден пиштол „Глок“,
– три рамки со по 15 куршуми,
– дополнителни 75 куршуми во зипер-ќеси,
– комплет за чистење оружје,
– три ножа,
– фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување,
– УСБ-уреди и документи, за кои е наложено вештачење.

Сето ова отвора сериозни и вознемирувачки прашања:
👉 Како вакво лице добило статус и слобода на движење?
👉 Дали безбедноста на граѓаните е ставена во втор план зад флоскулата „стратешки партнер“?

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, поради реална опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и докази, како и опасност од повторување на кривично дело.

Јавноста очекува целосна одговорност, не само од осомничениот, туку и од сите институции кои дозволиле ваков безбедносен ризик да се движи слободно низ Скопје под етикета, „стратешки“, се очекува и реакција од Амбасадата на САД во Македонија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!