MKinformer

your daily dose of news

ДЗС апелира: Строго почитување на мерките за безбедност за новогодишните прослави

25/12/2025 10:03

Во пресрет на претстојните предновогодишни и новогодишни празници, кога традиционално се организираат забави, прослави и јавни собири во угостителските објекти, Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) упати апел до сопствениците и организаторите да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат законските прописи за заштита од пожари и безбедност на посетителите.

Од ДЗС нагласуваат дека безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет, особено во услови на зголемена фреквенција на луѓе во затворени простории. Посебно се потенцира потребата од подготвеност за брза и безбедна евакуација во случај на пожар или друга итна состојба која може да го загрози животот и здравјето на присутните.

Дирекцијата потсетува дека е задолжително строго да се почитува максимално дозволениот број посетители во објектите, согласно нивниот капацитет и важечките прописи. Истовремено, објектите мора да располагаат со исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, која треба да биде лесно достапна за итна употреба.

Коридорите, излезите и патиштата за евакуација мора постојано да бидат проодни и без никакви пречки, а излезните врати за евакуација да бидат отклучени и целосно функционални. ДЗС посебно укажува на строгата забрана за користење пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории, како и на употреба на други опасни материјали спротивно на законските норми.

Дополнително, персоналот во угостителските објекти треба да биде соодветно информиран и подготвен за постапување во итни ситуации. Од ДЗС посочуваат дека почитувањето на овие мерки не е само законска обврска, туку и морална одговорност кон гостите и вработените.

Воедно, Дирекцијата изрази благодарност до медиумите за нивната улога во подигањето на јавната свест за превенција и заштита од пожари и други опасности, оценувајќи дека токму преку заедничка одговорност и информираност може да се обезбедат безбедни, мирни и достоинствени новогодишни прослави без несакани последици.

error: Содржината е заштитена од копирање !!