Мицкоски до Филипче: Она што го оставивте зад себе во енергетскиот сектор – катаклизма е комплимент
25/12/2025 14:36
Премиерот Христијан Мицкоски со остар тон одговори на пратеничкото прашање на Венко Филипче, кое се однесуваше на состојбата во енергетскиот сектор и причините за поскапувањето на електричната енергија.
Мицкоски направи директна споредба меѓу состојбата во АД ЕЛЕМ во 2017 година и актуелната состојба во ЕСМ, наведувајќи дека разликата е драстична и алармантна.
Според него, во август 2017 година енергетската компанија била со нула долгови, со 25 милиони евра депозити, над 1,5 милијарди денари акумулации и целосно исплатени плати. Наспроти тоа, во август 2024 година, како што рече, е затекната состојба со само 7 проценти акумулации, без откривка и јаглен во РЕК Битола, минимални резерви на депониите, неремонтирани блокови и долгови од околу 150 милиони евра.
„Она што го оставивте зад себе во енергетскиот сектор – катаклизма е комплимент“, изјави Мицкоски, обвинувајќи ја поранешната власт дека зад себе оставила финансиски и технички колапс, но и, како што рече, „десетици и стотици милионери, политички профитери и лешинари“.
Во однос на поскапувањето на струјата, премиерот потенцираше дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е независно тело и дека одговорите за цената треба да се бараат таму. Притоа, тој упати политичка забелешка дека брат на претседателот на РКЕ е дел од раководството на СДСМ.
„Ова прашање најдобро ќе ви го одговори вашиот нов член во Извршниот комитет, брат на претседателот на РКЕ. Комисијата е независна по закон и Устав, не знам зошто мене ме прашувате“, изјави Мицкоски, додавајќи дека јавноста била манипулирана со најави за енормно поскапување, кое на крајот изнесувало нешто над два проценти.
Осврнувајќи се на тврдењата дека за година и пол не е направено ништо во енергетиката, Мицкоски истакна дека над 50 лица се под истрага или во судски постапки за уништување на капацитетите, а поранешен директор на ЕСМ и висок функционер на СДСМ се наоѓа во бегство.
Тој дополнително алудираше на, како што ги нарече, сомнителни практики од минатото – ексклузивен увоз на јаглен, скапи возила, провизии и сомнителни набавки, нагласувајќи дека токму тоа, според него, е вистинското уништување на енергетскиот систем.





