MKinformer

your daily dose of news

По заканите, Трамп најави средба со претседателот на Колумбија

08/01/2026 16:47

Откако јавно ѝ се закани на Колумбија со можна воена интервенција, американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека е во тек организација на посета на Белата куќа од страна на колумбискиот претседател Густаво Петро, со кого претходно остварил телефонски разговор.

Двајцата лидери потврдија дека ова е нивниот прв директен разговор откако Трамп, пред четири дена, изјави дека евентуална воена операција против колумбиската влада „му звучи добро“. Во разговорот, како што наведоа, било отворено прашањето за односите меѓу двете земји, како и за безбедносните и политичките несогласувања.

Заканата кон Колумбија следеше по американската операција во соседна Венецуела, во која беше уапсен претседателот Николас Мадуро и префрлен во САД, каде треба да се соочи со обвиненија поврзани со дрога и оружје.

„Беше голема чест да разговарам со претседателот на Колумбија, Густаво Петро, кој се јави за да ја објасни ситуацијата со дрогата и другите несогласувања што ги имавме“, напиша Трамп на социјалните мрежи, додавајќи дека ја цени „неговата комуникација и тон“ и дека со нетрпение очекува лична средба во блиска иднина.

Трамп информираше дека се договара средба во Вашингтон, но не прецизираше датум. Петро, пак, на митинг во Богота, изјави дека разговорот бил „срдечен и почитувачки“ и дека побарал обновување на дијалогот меѓу двете држави.

Според извор од кабинетот на колумбискиот претседател за Ројтерс, повикот поминал во конструктивна атмосфера. Односите меѓу Трамп и Петро се влошија по враќањето на американскиот претседател во Белата куќа во јануари 2025 година, кога Вашингтон воведе санкции против колумбискиот лидер, обвинувајќи ја неговата администрација, без презентирани докази, дека дозволува континуиран проток на кокаин кон САД.

error: Содржината е заштитена од копирање !!