MKinformer

your daily dose of news

Разбиена шема за криумчарење: Запленети 166 поштенски пратки вредни 240 илјади денари

15/01/2026 12:03

Царински инспектори од Одделението за истраги при Царинска управа, во координирана акција со Министерство за внатрешни работи, Управа за јавни приходи, Агенција за пошти и Државен пазарен инспекторат, извршија претрес во фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока.

За време на претресот биле пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од околу 240.000 денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а инспекторите поднеле кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки што се предмет на криумчарење и царинска измама.

Според информациите од надлежните институции, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што пратките биле внесувани во државата со возила преку граничен премин, без да бидат пријавени кај царинските органи. Потоа, пратките нелегално биле складирани во магацин во сопственост на фирмата, со намера да бидат дистрибуирани до нарачателите, за што се наплаќал паричен надомест.

Од Царинската управа нагласуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени контроли и координирани активности со другите институции, со цел откривање и спречување на сите форми на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување фер конкуренција на пазарот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!