МВР најави тестирање на камерите за „Безбеден град“: Привремени ограничувања во сообраќајот
16/01/2026 18:44
Министерство за внатрешни работи ги известува граѓаните дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20 до 31 јануари ќе се спроведува тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се одвиваат секој ден во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот. За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се реализираат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на Скопје, по што ќе продолжат и на други локации низ државата.
Од МВР апелираат до граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат трпение и соработка, со цел безбедно и непречено спроведување на планираните активности.
Проектот „Безбеден град“ има за цел зголемување на сообраќајната безбедност, намалување на прекршоците и подобрување на целокупната безбедност во урбаните средини.




