Демолиран паркот „Бановина“ во Аеродром, општината го осуди вандалскиот чин
17/01/2026 18:05
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот „Бановина“, при што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, во паркот е искршена урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Станува збор за простор кој неодамна бил целосно реконструиран и опремен со современа урбана опрема, наменета за деца, млади и повозрасни граѓани.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од Општина Аеродром, потенцирајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција и се преземаат мерки за идентификување на сторителите. Од општината упатуваат апел до граѓаните активно да се вклучат во заштитата на јавните површини, да пријавуваат секој облик на вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.
Од локалната самоуправа нагласуваат дека уништувањето на јавниот имот не е само материјална штета, туку директен удар врз квалитетот на животот и вложувањата направени во интерес на сите граѓани.






