Цената на нафтата скокна за 8% од почетокот на јануари – тензиите околу Иран и проблемите во Казахстан го туркаат пазарот нагоре
26/01/2026 22:31
Цената на суровата нафта порасна за околу осум проценти од почетокот на јануари, достигнувајќи ниво над 66 долари за барел, покажуваат најновите податоци од енергетските пазари. Како главни причини за растот се наведуваат проблемите со снабдувањето од Казахстан, но и зголемените геополитички тензии поврзани со можни американски напади врз Иран, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извори од Соединети Американски Држави.
И покрај актуелните турбуленции, групата ОПЕК+ планира во март да ја потврди одлуката за паузирање на нормализацијата на снабдувањето. Ова значи дека клучните извозници, меѓу кои Саудиска Арабија и Русија, нема да пуштат дополнителни количини сурова нафта на светскиот пазар во текот на првиот квартал од 2026 година.
Целта на ваквата стратегија е да се задржи ценовната стабилност во период кога побарувачката традиционално е послаба поради зимските услови. Според аналитичарите, задржувањето на строгата контрола врз производството е јасен сигнал дека ОПЕК+ нема намера да дозволи нагло паѓање на цените, и покрај притисоците од големите потрошувачи.
Следната клучна средба на таканаречената „Г8“ во рамки на ОПЕК+, која контролира околу половина од светското производство на нафта, е закажана за недела, 1 февруари, кога официјално ќе се разгледуваат производствените квоти и идните чекори на картелот.




