Град Скопје конечно започна постапка за набавка на 40 возила за ЈП Комунална хигиена
29/01/2026 12:27
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски утрово информираше дека официјално е започната постапката за набавка на повеќе од 40 нови специјализирани возила за потребите на ЈП Комунална хигиена, со што, како што нагласи, започнува системско решавање на долгогодишниот проблем со јавната чистота во главниот град.
„Со огромна радост ве информирам дека официјално започна постапката за набавка на специјализирани возила за потребите на ЈП ‘Комунална хигиена’, кои ќе донесат ред и достоинство во нашиот град. Тендерската постапка, која ја спроведува Министерство за транспорт во соработка со Светска банка, е веќе распишана, а по завршување на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата“, објави Ѓорѓиевски.
Покрај оваа набавка, градоначалникот најави дека на денешната седница на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за Комунална хигиена, со која Градот ќе обезбеди уште над десет нови камиони од сопствени средства.
„Ова значи дека во Скопје ќе пристигнат и ќе бидат ставени во функција повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила, кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ целиот град“, истакна тој.
Според Ѓорѓиевски, станува збор за најголема инвестиција во јавната чистота во последната деценија.
„Ова е најголемата инвестиција во јавната чистота во последните десет години и јасно говори за нашите силни заложби за доброто на граѓаните. Само за споредба – ова се случува за помалку од три месеци откако сум градоначалник, додека во осум години претходно биле набавени само четири возила. И ова не е крај, набавката продолжува во континуитет. Проблемот со отпадот кој со години ги мачеше скопјани, заминува во историјата“, нагласи градоначалникот.
Тој додаде дека со оваа опрема Град Скопје ќе располага со доволен број современи возила за навремено и организирано покривање на секоја населба и секоја улица.
Во својата објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски упати благодарност и до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски за поддршката и, како што посочи, за грижата за граѓаните на Скопје.






