169 години традиција: Велешката гимназија „Кочо Рацин“, темел на македонското образование и јазик
01/02/2026 14:39
Основана во 1857 година, гимназијата Гимназија Кочо Рацин во Велес е најстарата гимназија во Македонија и еден од најзначајните столбови на македонското образование и културна историја.
Посебно место во историјата на гимназијата има датумот 1 февруари 1945 година, кога за првпат во слободна Македонија започнала наставата на мајчин македонски јазик. Оваа одлука следела по решението на АСНОМ, со кое биле отворени девет гимназии, меѓу кои и велешката.
Со заповед од Министерството, за прв директор била назначена професорката Злата Ангелова, а гимназијата го добила името на основоположникот на современата македонска литература, Кочо Рацин.
Во текот на своето 169-годишно постоење, гимназијата поминала низ различни историски периоди, општествени уредувања и предизвици, но останала расадник на знаење, култура и национална свест. Досега, од ова училиште излегле над 15.000 средношколци.
Меѓу најпознатите имиња што се образувале во велешката гимназија се Анѓелко Палашев, музичарите Стефан Гајдов и Живко Фирфов, диригентот Ангел Шурев, поетот и шпански борец Ганчо Хаџи Панзов, како и зографот Димитар Андонов Папрадишки.
Гимназијата била и жариште на отпорот, особено во пролетта 1942 година, кога се случил познатиот штрајк на гимназијалците – прв ваков чин во поробена Македонија, со кој се бранела македонската кауза.
Во аналите на училиштето останува запишан и рекордот од учебната 1982/83 година, кога класот IV/2 на професорот Душан Џаџов остварил просечен успех од 4,85, резултат што и денес се смета за недостижен.
Велешката гимназија „Кочо Рацин“ останува симбол на знаење, идентитет и континуитет на македонското образование.






