Паднаа обвиненија за „митаџиите“ со ИПАРД-фондовите: Обвинителство чешла и други сомнителни апликации
02/02/2026 20:43
Големата корупциска афера во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој поврзана со злоупотреба на ИПАРД-фондовите заврши со поднесување обвинение против повеќе лица, меѓу кои и државни службеници од Агенцијата.
Според обвинението доставено до Основниот кривичен суд Скопје, Обвинителството тврди дека биле ветувани и исплатени поткуп и парични награди за противзаконито влијание, со цел незаконски да се одобри финансиска помош во вредност од стотици илјади евра.
Во центарот на случајот е управител на приватна фирма кој аплицирал за средства од ИПАРД-програмата, иако компанијата не ги исполнувала законските услови. Бидејќи апликацијата била слабо рангирана и без основ за одобрување, тој, според Обвинителството, решил да ја „среди“ постапката преку мито.
Наводно, на раководно лице во Агенцијата му бил ветен поткуп од 50.000 евра, додека на уште три лица им биле исплатени по 5.000 евра за да извршат притисок и да влијаат врз одлуката. Целта била апликацијата неосновано да се искачи на ранг-листата и да се одобрат целосно побараните средства.
Истрагата утврдила дека четворица државни службеници, спротивно на законските обврски, ја прифатиле некомплетната документација, направиле погрешни пресметки и подготвиле решение со кое била одобрена финансиската поддршка, иако условите не биле исполнети. Еден од обвинетите, иако бил свесен за неправилностите, го потпишал решението со намера да го добие ветениот подарок.
Поради тежината на кривичните дела, за дел од обвинетите и понатаму се на сила мерките притвор и куќен притвор. Обвинителството побара и одземање на предмети и парични средства за кои постои сомнеж дека се поврзани со делото – 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци, како и мобилни телефони и дигитални уреди.
Дополнително, отворена е предистражна постапка за можни злоупотреби со други ИПАРД-средства, што укажува дека случајот може да се прошири и со нови осомничени и обвиненија.






