MKinformer

your daily dose of news

Притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и уште тројца осомничени за поткуп

07/11/2025 20:31

Основниот кривичен суд Скопје попладнево одреди мерка притвор од 30 дена за четворица од петтемина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Петтата осомничена доби мерка куќен притвор.

Како што информираат од Судот, мерките притвор се изречени поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото. Решението е донесено откако осомничените денеска беа изведени пред судија на претходна постапка, по вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во која беа спроведени претреси на повеќе локации низ земјата.

За првоосомничениот Џ.Н. (77) се товари дека сторил кривични дела „давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“. Три лица, А.Ф. (44), Ј.К. (35) и И.С. (57), се осомничени за „примање награда за противзаконито влијание“, а едно лице, Ф.Ф. (47), за „давање поткуп“.

Според Обвинителството, првоосомничениот како управител на правно лице од февруари до ноември оваа година, директно и преку посредници, му ветувал паричен подарок на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството во износ од 50.000 евра, со цел да обезбеди потпишување договор за користење средства од ИПАРД-програмата, иако неговата фирма не ги исполнувала потребните услови.

Како што стои во соопштението, дел од парите (400 евра) биле пронајдени кај директорот при извршен претрес и веднаш одземени. Меѓу осомничените се и државни службеници од Управата за јавни приходи и Министерството за земјоделство, кои, според обвинителството, го поттикнале директорот да постапи спротивно на законските прописи.

Обвинителството веќе издаде наредба за спроведување истражна постапка против сите петмина осомничени, а странките имаат право на жалба против решенијата за притвор пред Кривичниот совет на Судот.

One thought on “Притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и уште тројца осомничени за поткуп

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!