MKinformer

your daily dose of news

Обвинение за корупција со ИПАРД средства: Мито од 50.000 евра за незаконско одобрување на субвенции

02/02/2026 17:06

Јавен обвинител од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основен кривичен суд Скопје против повеќе лица осомничени за коруптивни дејствија поврзани со користење средства од ИПАРД програмата.

Според обвинението, првообвинетиот, управител на приватна компанија, аплицирал на јавен повик кај Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Иако фирмата не ги исполнувала пропишаните услови и била слабо рангирана, тој наводно се обидел да обезбеди финансиска поддршка преку коруптивни активности.

Во повеќе наврати, според Обвинителството, управителот нудел и давал мито со цел да се промени одлуката. На едно раководно лице му бил ветен „подарок“ од 50.000 евра, додека на уште тројца службеници им биле исплатени по 5.000 евра за да влијаат врз постапката и да обезбедат незаконско одобрување на средствата од ИПАРД програмата.

Истрагата утврдила дека четворица државни службеници од Агенцијата постапувале спротивно на закон. И покрај тоа што знаеле дека апликацијата не ги исполнува критериумите, тие прифатиле некомплетна документација, извршиле неточни пресметки и одобриле финансиска поддршка која не смеела да биде доделена. Еден од обвинетите, иако бил свесен за незаконитоста, го потпишал решението со цел да го добие ветеното мито.

Поради тежината на кривичните дела, за дел од осомничените сè уште се применуваат мерки притвор и куќен притвор, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост – забрана за вршење службена дејност во Агенцијата, одземање патни исправи и обврска за редовно јавување кај надлежен орган.

Во рамки на постапката, Обвинителството побара конфискација на предмети користени при извршување на делото, меѓу кои мобилни телефони, дигитални носачи на податоци и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.

Дополнително, од досега прибраните докази произлегле индиции за пошироки злоупотреби на ИПАРД средствата, поради што е отворена нова предистражна постапка која сè уште е во тек.

error: Содржината е заштитена од копирање !!