MKinformer

your daily dose of news

Голема истрага за финансиски криминал: Притвор за осомничени во афера тешка 4,8 милиони евра во УЈП

16/01/2026 18:08

Под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на Министерство за внатрешни работи, вчера до доцните вечерни часови вршеа претреси на 16 локации низ државата.

При акцијата биле пронајдени и времено одземени фиктивна деловна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени. Постапката е резултат на заедничко дејствување на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управа за финансиско разузнавање, по претходно известување од Агенција за национална безбедност.

Врз основа на прибраните докази, ОЈО ГОКК отвори предмет и донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица, осомничени дека го оштетиле државниот буџет за 297.733.844 денари, односно околу 4,8 милиони евра.

Според обвинителството, првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале злосторничка група со цел вршење кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот од 2023 – 2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.

Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош на даночни службеници, во периодот 2023–2024 година, првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Дополнително, преку лажни пријави било извршено неосновано враќање на данок за нерезидентни правни лица, со што на буџетот му е нанесена штета од 31.175.168 денари. Дел од осомничените вршеле и трансфер и подигање на парични средства со цел прикривање на потеклото на незаконски стекнатите пари, во износ од 91.985.197 денари.

Досегашните докази упатуваат дека осомничени вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, меѓу кои и лица на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на Република Македонија од најмалку 162.980.076 денари.

Јавниот обвинител предложи мерка притвор за десет осомничени, од кои за осум лица Основниот кривичен суд Скопје ја прифати најстрогата мерка, притвор во траење од 30 дена. За две лица притвор веќе бил определен во друг предмет поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој. За останатите осомничени се определени поблаги мерки, меѓу кои одземање патни исправи и забрана за вршење службени активности во УЈП.

Судот оцени дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на кривичните дела.

Голема акција во УЈП: Претреси низ државата за перење пари и даночни измами

Во тек голема полициска акција во УЈП во Скопје, засега без официјални детали

error: Содржината е заштитена од копирање !!