Србинката Јована Алексиќ прва во светот ќе ја прими руската вакцина против рак
07/02/2026 22:48
Србинката Јована Алексиќ ќе биде првата пациентка во светски рамки која ќе ја прими новата руска вакцина против рак, наменета за третман на меланом – агресивна форма на рак на кожа со метастази.
Како што пренесуваат српските медиуми, вакцината нема да биде дел од клиничко испитување, туку ќе се користи како директен третман. Подготовката на вакцината започнува од понеделник во Институтот Гамалеја во Москва.
„Сите вакцини се персонализирани и се подготвуваат врз основа на индивидуалните карактеристики на пациентот. Одлуката првата пациентка да биде од Србија е донесена поради добрите односи меѓу двете земји“, изјави д-р Бољевиќ, кој е вклучен во проектот.
Според него, во моментов се работи со десетина пациенти, додека за други видови рак, како што е ракот на дојка, сè уште се чека официјално одобрение. Руските здравствени власти засега дозволиле употреба на вакцината кај пациенти со меланом и рак на белите дробови.
Процесот на лекување подразбира анализа на клетките од заболеното ткиво, по што се создава персонализиран препарат што му овозможува на имунолошкиот систем на пациентот да ги препознае и уништи канцерогените клетки, без да ги оштети здравите.
Пациентот прима вкупно 10 дози на секои две недели, а првични резултати може да се забележат по втората или третата доза. Според Бољевиќ, ефикасноста на вакцината достигнува до 95 проценти, а резултатите од третманите ќе бидат презентирани на научна конференција во Сочи на почетокот на април.
Вакцината, како што беше нагласено, првенствено ќе се применува кај пациенти кои ги исцрпеле сите други терапевтски опции, со цел да се потврди нејзината ефикасност во најтешките случаи.

![Meдицинcкa peвoлyциja нa пoвидoк? – Дaли „Oкcфорд“ paзви вakцинa зa paк? korona-vakcina-greska[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/korona-vakcina-greska1.jpg)



