МААК одбележа 36 години од формирањето: „Тука започна македонскиот плурализам“
07/02/2026 21:12
По повод 36 години од формирањето на МААК – Македонска Акција, партијата денеска одржа свечена седница во новите простории спроти трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје.
На свечениот настан се обратија генералниот секретар Госе Тодев Делчев и претседателот на партијата Страшо Ангеловски.
Во своето обраќање, Ангеловски се осврна на историјатот на партијата, потенцирајќи дека МААК е првата политичка партија регистрирана во Македонија, со што, како што рече, била отворена портата на политичкиот плурализам и создадени услови за формирање на сите други партии.
„Во 1990 година бевме првата политичка партија што донесе прв пишан документ во поновата македонска историја за независна Република Македонија. Тоа беше манифестот што го положивме во манастирот ‘Свети Отец Прохор Пчински’ на 2 Август – Илинден 1990 година. Оттука започна сè. Денес ја живееме таа реалност за која се боревме“, истакна Ангеловски.

Тој додаде дека, иако Македонија денес е независна држава, според МААК таа сè уште не е целосно суверена, оценувајќи дека пред државата и народот стојат сериозни предизвици.
По освртот на историјатот, претседателот на МААК го потенцираше и најновиот програмски документ и став на партијата, кој се однесува на духовноста на македонскиот народ и потребата од зачувување на македонската духовност наспроти, како што беше нагласено, современиот хедонизам.

Од партијата порачаа дека МААК ќе продолжи да делува во насока на заштита на македонскиот идентитет, духовност и државни интереси, потсетувајќи на својата историска улога во процесот на осамостојување на државата.






