Николовски најави конфискација на нелегален објект на спортскиот аеродром Стенковец
08/02/2026 20:03
Министерот за транспорт Александар Николовски преку објава на социјалните мрежи информираше дека институциите ќе започнат постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортски аеродром Стенковец.
Како што наведува Николовски, Министерство за транспорт, како надлежна институција за објекти од прва категорија, „меѓу кои аеродроми, болници, објекти за високо образование, спортски сали и друга инфраструктура од државно значење“, во изминатиот период презела активности за решавање на проблемот со нелегалните градби во оваа област.
Во координација со Агенција за цивилно воздухопловство, Државен градежен инспекторат и Аероклуб Стенковец, ќе биде покрената постапка за конфискација на објектот кој, според министерот, е целосно нелегално изграден на државно земјиште.
Надлежните институции ќе се обратат до Јавно обвинителство и Суд со барање објектот да биде конфискуван во корист на државата. По завршување на постапката, објектот би можел да се користи од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство за обука на пилоти и други стручни потреби.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира изградба на нелегални објекти на места каде Министерството за транспорт и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, истакнува Николовски во својата објава.






